Собрание на РМ

Законот за употреба на јазиците повторно пред пратениците

23.01.2018 12:57

Откако претседателот Иванов не го потпиша указот, Законот за употреба на јазиците повторно се враќа пред пратениците. На собраниска седница е в понеделник. ВМРО-ДПМНЕ побара негово целосно повлекување. За власта пак, тој е изгласан во демократска и парламентарна процедура. Доколку Законот биде донесен, Иванов е должен да стави потпис...

Претседателот Иванов спорните членови и забелешките на Законот за употреба на јазиците ги образложи на 14 страници. Според него називот на Законот не е во согласност со Уставот. На целата територија и во нејзините меѓународни односи- службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо, забележува шефот на државата. Спорни се и зборовите „Албански јазик“ и „согласно со овој Закон“, зашто Уставот оперира со бројката 20%, а не со именување на друг службен јазик.

Според Иванов, правно непрецизирано и нејасено е што во сите државни органи, службен јазик покрај македонскиот, е и јазикот што го зборуваат 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, на начин определен со Законот. Во забелешките Иванов смета дека се ограничува правото на припадниците на другите етнички заедници. Противуставна е и одредбата за симболите кои се вметнуваат на книжните и кованите пари и поштенските марки.

Шефот на државата укажува дека во правниот поредок треба да егзистираат само јасни и прецизни норми. Укажувањата ги достави до Собранието. Ги повика народните избраници да постапат совесно и одговорно за да се дојде до сеопфатно решение за употребата на јазиците.

Претседателот Иванов не го потпиша Указот за Законот за употреба на јазиците, посочувајќи дека Собранието го изгласал без јавна расправа и научна дебата, без учество на опозицијата. Било злоупотребено европското знаменце за решението да помине со просто, а не со двотретинско мнозинство.

Собранието в понеделник повторно ќе го разгледува Законот и доколку го усвои со мнозинство гласови, тогаш претседателот е должен да го потпише указот.

Наташа Гркова- Петрушевска