Димитров ќе учествува на Светскиот економски форум во Давос

23.01.2018 14:00

Делегацијата од Република Македонија ќе ја предводи премиерот Заев, кој е предвидено да се обрати во рамки на неколку сесии на Форумот.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров од 24 до 26 јануари, на покана од претседателот на Светскиот економски форум (СЕФ) и член на Управниот одбор, Борге Бренде, ќе учествува на 48-от годишен состанок на СЕФ, што ќе се одржи во Давос, Швајцарија.

Делегацијата од Република Македонија ќе ја предводи премиерот Заев, кој е предвидено да се обрати во рамки на неколку сесии на Форумот. На маргините на Форумот, премиерот и министерот се очекува да имаат средби со повеќе свои колеги, со високи претставници на ЕУ, како и со други високи претставници од светската политичка и бизнис елита, соопшти МНР.

Главната тема на Форумот ќе биде „Креирање заедничка иднина во поделениот свет“. „Иднината на Европа“ исто така ќе биде во центарот на овогодишниот состанок на СЕФ, а Димитров е поканет како дискутант на неформалниот собир на светските економски лидери на темата „Идентитет, интеграција и миграција“.