Два нови случаи на морбили, грипот сѐ уште е со ниска активност

23.01.2018 16:06

Грипот сѐ уште е со ниска активност, но во наредниот период се очекува зголемување, информираат од Министерството за здравство. Регистрирани се 1.739 заболени. Институтот за јавно здравје, пријавил два нови случаи на морбили. Не се епидемиолошки поврзани...

Шестмесечно бебе од Куманово и 40- годишен маж од Скопје заразени од мали сипаници. Поради возраста, бебето сѐ уште не било вакцинирано. Хоспитализирано е со тешка клиничка слика, но сега е во подобра здравствена состојба. Мажот, пак, бил вакциниран само со една доза, а по амбулантскиот преглед е пуштен на домашно лекување.

Надлежните велат дека нема епидемиолошка поврзаност на двата случаја, а не ја исклучуваат можноста морбилите да се внесени од соседството или од други европски земји каде што има епидемија. Апелираат на редовна вакцинација.

„Не е мала можноста, вирусот да е импортиран, внесен. Имаме силни трговски врски со соседните земји, многу наши луѓе патуваат во Србија, Грција, Бугарија, па и во Европа, каде можат да бидат заразени и да го донесат заболувањето кое потоа можат да го пренесат во околината на некој што не е имунизиран. Епидемиолошката ситуација се отсликува со актуелната ситуација што е сега и за жал очекуваме и понатаму доколку не се подобри состојбата да имаме се поголем број заболени па дури и смртни завршетоци“, вели д-р Гордана Кузмановка, епидемиолог.

Надлежните велат дека состојбата со грипот сѐ уште не е алармантна. Сепак, на детската клиника „Козле“ веќе се полни сите капацитети. Со почетокот на второто полугодие се очекува да се зголемува бројот на новозаболени.

„Престојната сезона е сезона на вируси, можеме да го очекуваме и грипот, самото присуство на децата во затворени средини, во училиштата циркулираат вирусите. Во моментов имаме 96 хоспитализирани деца, тоа на некој начин е полн капацитет на болницата. Но, постојано се отпишуваат се впишуваат нови деца гледаме целата ситуација да биде под контрола“, изјави д-р Анѓелко Андоновски, директор на детската клиника „Козле“.

Од државниот санитарен и здравствен инспекторат испратиле решение до сите основни и средни училишта за дезинфицирање на просториите, како и редовно да се следи отсуството на децата од настава.

 

Андријана Атанасовска