Собрание на РМ

Комисиска дебата за кратењето на патните трошоци на пратениците

23.01.2018 16:45

Во Собранието дебата за кратењето на патните трошоци. СДСМ предлага надоместокот што го добиваат пратениците за секој изминат километар да се намали за 33 проценти. ДУИ, пак, најави амандман за целосно укинување на патните трошоци. За ВМРО-ДПМНЕ, штедење е потребно, но предлогот на СДСМ оценет како лицемерен поради зголемувањето на бројот на потпретседатели на Собранието.

Измените на Законот за намалување на средствата за патни трошоци ги обединија пратениците. Ги обвинија медиумите дека пратениците и нивните патни трошоци се тема која се провлекува со години и на тој начин им се урива авторитетот. Пратеникот на ДУИ, Адеми, рече дека е потребен целосно нов закон, кој ќе го прекине „атакот врз пратениците“, бидејќи според него, некои функционери прават трошоци за 10 пратеници и никој не ги спомнува. Како провокација, најави дека ќе бара целосно укинување на патните трошоци за сите.

Предлагачите на измените сметаат дека со оваа решение ќе се намалат средствата за патни трошоци на пратениците од 30 до 20 насто, односно за 33 проценти и оти ова е краткорочно решение. Членовите на собраниската Комисија за труд и социјална политика едногласно ги изгласаа измените на Законот.

Треба да има редуцирање на трошоците и штедење, но предлогот на СДСМ е лицемерен, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата ваквиот став го образложија со зголемувањето на бројот на потпретседатели на Законодавниот дом, на бројот на заменици на генералните секретари, што според ВМРО-ДПМНЕ е резултат на политички и партиски пазарења.

Наташа Јанчиќ