Вицепремиерот Османи во посета на Србија

24.01.2018 08:21

Како што соопштија од неговиот кабинет, на средбата ќе бидат отворени темите за напредокот на односите меѓу двете земји, потенцијалите во рамките на регионалната соработка, како и европските перспективи на регионот...

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, денеска престојува во еднодневна работна посета на Република Србија, каде што ќе се сретне со министерката за европски интеграции, Јадранка Јоксимовиќ, со Претседателот на Одборот за европски прашања во Парламентот на Република Србија, Ненад Чанак, како и со координаторот на Националниот Конвент за ЕУ на Република Србија, Наташа Драгојловиќ.

Како што соопштија од неговиот кабинет, на средбата ќе бидат отворени темите за напредокот на односите меѓу двете земји, потенцијалите во рамките на регионалната соработка, како и европските перспективи на регионот во контекст на претстојните значајни настани како што се Стратегијата за проширување, Извештаите на Европската Комисија за земјите од регионот, како и Самитот за проширување во Софија.

Посетата на Белград е дел од мини балканската турнеја која Османи ја започна на почетокот на месецов со посетите на Атина и Тирана, а по посетата на Белград ќе продолжи и со посета на Софија.