ВМРО-ДПМНЕ се враќа во Собранието со амандмани на Законот за јазици

24.01.2018 16:28

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се враќа во собраниските клупи. Повод- Законот за употрба на јазиците. Велат дека со амандмани ќе се обидат да го превенираат донесувањето на, според нив, неуставниот акт. Партијата оценува дека двојазичноста непотребно се спроведува. Од Владата најава дека Законот, откако повторно ќе биде изгласан во Собранието, ќе оди на мислење во Венецијанската комисија...

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се враќаат во собраниските клупи, но само за повторното разгледување на Законот за јазиците. Потпретседателот на партијата Митко Јанчев рече дека се подготвуваат низа амандмани во обид да се превенира донесувањето на неуставниот закон. Неповлекувањето на законот и неотворањето расправа, истакнува Јанчев, може да предизвика долгорочни последици по државата, нарушувајќи ја кохезивноста меѓу граѓаните. Целосно се деградира македонскиот јазик, со непотребна двојазичност на целата територија на земјата.

„Законот има бројни пропусти и затоа е несфатливо неконструктивното однесување на СДСМ и одбивањето на предлозите да се формираат работни групи составени од претставници на сите парламентарни групи во Собранието на Република Македонија, со вклучување на експертска и стручна јавност од Правните факултети во државата, претставник од кабинетот на Претседателот на Републиката и од МАНУ. Сигурни сме дека ваквата дебата ќе придонесеше за подигнување на довербата и демократската атмосфера кои ќе резултираа со отстранување на неуставните елементи на овој закон за јазици“, изјави потпретседателот на партијата, Митко Јанчев.

Откако повторно ќе биде изгласан Законот за јазиците тој ќе биде испратен на разгледување во Венецијанската комисија, а забелечките ќе бидат имплементирани во него- соопшти Владата. Оттаму остануваат на ставот дека Законот е во согласност  со Уставот, а за негова имплементација ќе бидат потрошени 106 милиони денари.

Законот за јазиците беше изгласан во Собранието на 15-ти јануари, но претседателот Иванов не го потпиша указот, туку го врати во Собранието со забелешки напишани на 14 страници.

Доколку ВМРО-ДПМНЕ навистина сака да се вклучи во демократските и реформските процеси треба да ги надмине политиките на деструкција- пишува во реакцијата на Социјал- демократите. Оттаму велат дека Законот не фаворизира, туку ја унапредува употребата на сите јазици на немнозинските заедници.

Цврсто веруваме во концептот на едно општество за сите во коешто граѓаните полесно ги остваруваат своите уставни права-  велат во СДСМ.

 

Миле Ристески