Случај „ТНТ“: Груевски, Јанакиески и Трајковски не се чувствуваат виновни

24.01.2018 15:59

Почна судењето за случајот „ТНТ“ за уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Седуммината обвинети изјавија дека не се чувствуваат виновни. Обвинителството смета дека делото е сторено од политичка омраза. Штетата се проценува на 16 милиони евра. Цаноски ќе бара отштета...

Груевски, Јанакиески и Трајковски не се чувствуваат виновни по обвинувањата дека мотивирани од политичка омраза го урнале комплесот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Во воведен збор, тимот адвокати, во нивно име рече дека сѐ било законски, за што ќе приложат и докази. Ги побараа снимките од прислушуваните разговори за да концепираат одбрана.

Судијата потврди- снимките ќе ги добијат наредните денови. Претходно Апелацискиот суд донесе одлука со којашто дозволи снимките од прислушуваните разговори да може да се користат како докази во случајот „Космос“.

Вина не чувствуваат ниту останатите четворица обвинети. Меѓу нив и градежната инспекторка, за која СЈО тврди- иако знаела дека објектот е легална градба потпаднала под влијание на партиската тројка и донела незаконско решение за урување на градбата.

Вештачењата на Специјалното обвинителство покажуваат дека оваа одлука го чинела бизнисменот 16 милиони евра, но Цановски појасни- како отштета ќе бара 55 милиони евра.

СЈО детектираше незаконитост и во експресната тендерска постапка за избор на фирма за уривање на комплексот. Со набавката на експлозив општината Гази Баба била оштетена за околу 3 милиони денари.

Анита Димитријевска