Османи- Јоксимовиќ: Взаемна соработка и поддршка на европскиот пат

24.01.2018 16:07

Европа отвори златен прозорец и Македонија и Србија мораат да си помагаат меѓусебно за да ја постигнат својата цел. Ова го истакна вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи по средбата со неговата колешка Јадранка Јоксимовиќ во Белград. Таа ја потврди поддршката од нејзината земја за Македонија.

Македонија и Србија имаат голем потенцијал за соработка и реципрочно ќе си помагаат на европскиот пат. И двете држави имаат големи очекувања од најавената Стратегијата за проширување на ЕУ, која е оценета како историски документ кој дава перспектива на регионот за членството во ЕУ- е став на  Вицепремиерот Бујар Османи и српската министерка за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ изнесен на денешната средба во Белград.

„Се наоѓаме во историска година, јас велам ова е златен прозорец на можноста за Р. Македонија и регионот за продир во европските структури. Се надевам дека годинава ќе го решиме спорот со името со Грција и во јуни ќе започнеме со преговорите. Тука српското искуство ќе ни биде многу важно во формирањето на преговарачкиот тим, бидејќи во Владата размислуваме каде ќе биде тој преговарачки тим, кои луѓе ќе го сочинуваат, за да го искористиме српското искуство и на нашиот европски пат“, изјави вицепремиерот Бујар Османи.

На средбата беше потенциран новиот моментум во кој се наоѓаат земјите од регионот како време на помирување на народите на Балканот и затварање на сите отворени прашања, во интерес на интеграцијата во ЕУ.

„Јас знам дека очекувате преговорите да почнат во јуни годинава и дека во Давос денес се одржува важен состанок меѓу премиерите на двете земји посветен на преговорите за името. Србија се надева на успешно решение на името и верува дека ќе се отвори нов простор за напредок на Македонија во процесот на евроинтеграциите. Србија е подготвена да ги пренесе своите искуства и и дава подршка на Македонија на европскиот пат“, изјави Јадранка Јоксимовиќ, министер за европски интеграции на Р. Србија.

Годинава Србија и Македонија започнуваат со меѓугранична соработка за која од европските фондови се обезбедени 3,5 милиони евра за периодот од 2016- 2020 година, наменети за самовработување, за мали и средни претпријатија, одржлив развој на туризмот, на културно поле и за заштита на човековата средина- изјави Јоксимовиќ.

Меѓуграничната соработка ќе преставува дополнителен импулс за билатералната соработка, но и за заедникиот европски пат- констатирано е на средбата.

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ