Заев- Ципрас: Отворен разговор и градење доверба
Во Давос, прва средба на премиерите Заев и Ципрас. Обид да се направи исчекор напред кон решение на спорот. Македонскиот премиер е оптимист дека ќе се најде решение што ќе биде достоинствено и за двете држави. Официјална Атина со веќе познатите ставови. Едно име за севкупна употреба. Преговорите ќе ги водат министрите за надворешни работи...

На првата средба на премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, на маргините на Светскиот економски форум во Давос, договороно е да се засилат мерките за градење на доверба меѓу двете држави и да се интензивираат разговорите во рамки на Обединетите нации.
„Мора да најдеме решение прифатливо за сите вклучени страни. Посебно нагласив дека мора да се најде име за севкупна употреба и да се интензивираат разговорите во ОН“, изјави грчкиот премиер Ципрас.
„Крајното решение мора да биде прифатливо за двете страни. Решението мора да биде во заштита на националниотдостоинство и идентитет на нашите народи. Објавувам дека ќе го смениме името на аеродромот и автопатот. Автопатот ќе се вика Пријателство“, рече премиерот Заев.
Во главните градови на двете земји се разгледуваат последниот сет- идеи за кои медијаторот Метју Нимици рече дека претставува нова комбинација од тоа што досега се разговарало. Тој најави дека ќе ги посети Македонија и Грција, за да види што од предложеното на последната рунда разговори во Њујорк е прифатливо за двете страни. Нимиц ќе пристигне во Скопје на 31-ви јануари.
Ирина Гелевска
