Германски Маркарт ја враќа индустријата во Велес
Германската компанија Маркарт за околу еден месец треба да почне да гради своја фабрика во Велес, во која ќе работат повеќе од 600 луѓе. Инвестицијата чини 35 милиони евра, а договорот е веќе потпишан...

Македонската телевизија е во Велес, град кој во минатото претставуваше најголем индустриски центар во земјава. Меѓутоа, транзицијата ги изеде најголемите капацитети, а велешани останаа без работа. Сега се чини дека пред Велес се подобри времиња, барем ако се суди по инвестициите што треба да се реализираат во градот.
Инвестицијата на германската компанија Маркарт е вредна 35 милиони евра. Договорот е потпишан, се подготвува теренот за почетокот на градежните работи. Но, велешани имаат горчливо искуство. Се уште со недоверба гледаат на германската инвестиција.
„Дај боже да инвестираат...Мора да има некој што ќе повлече, за младите да си го најдат местото и да не одат надвор од земјава...Сепак, додека да се изгради фабриката ќе помине многу време...Голем дел од младите сега се вработени во фабриката во Кавадарци...Многу луѓе од Велес сега работат во Кавадарци, во фабриката на Дрекселмајер...“, велат велешани.
За економистите нема дилеми - влезот на Маркарт во Велес значително ќе ја раздвижи економијата.
„Оваа инвестиција, од моментот кога ќе се реализира, многу ќе придонесе за локалната економија. Од една страна, ќе ја намали големата невработеност во Велес, а од друга, ќе ги раздвижи и локалните компании што работат во моментов, да бидат вклучени како нејзини добавувачи“ изјави за МРТ Игор Андреев, доктор на економски науки.
Велат – оној што се изгорел од млеко, дува и на матеница. Така е и со велешани.
„Треба да се внимава да не се повтори случајот Топилница, односно да се внимава на еколошкиот аспект. Треба да се развива индустријата и да се отвораат работни места, меѓутоа бизнисот е едно, а здравјето на луѓето е друго“, објаснува социологот Љубе Лучков.
Маркарт е сериозна компанија која работи веќе девет децении. За новата инвестиција скеринале повеќе земји и градови, но нивниот конечен избор паднал на Велес. Земјиштето е купено, платени се сите давачки, се чека градежната дозвола. Изградбата на фабриката е предвидено да трае една година.
МТВ отиде и во Караслари, место во непосредна близина на Велес. Овде нема многу што да се види, само празна ораница. Но, работите ќе почнат да се менуваат уште оваа пролет, бидејќи кон крајот на март ќе почне изградбата на фабриката на Маркарт. Таа ќе се протега на површина од 10 хектари, во неа ќе работат повеќе од 600 луѓе, а ќе се произведуваат автомобилски компоненти за најпознатите брендови: Мерцедес, Ауди, БМВ.
Од Општината велат дека повеќе компании имаат пројавено интерес за инвестирање во Велес, односно во индустриската зона Караслари.
„Автобусите повторно се движат низ Велес, луѓето одат на работа, а инвестициите ќе ја раздвижат економијата во Велес. За околу една година ние во нашиот град ќе имаме отворено нови 1.300 работни места, тоа значи егзистенција за 1.300 фамилии. Околу 200 вработени ќе бидат инженери, а Велес има потенцијал во тој сегмент, иако голем дел наши сограѓани веќе работат во Кавадарци, па работната сила ќе биде соодветно вреднувана“, изјави Славо Чадиев, градоначалник на Велес.
Компанијата Маркарт е основана во 1925 година. Има свои претставништва во Европа, Азија и Африка, и вработува повеќе од 7.000 луѓе.
Мартин Пушевски
