Крводарителска акција во чест на Тоше Проески

25.01.2018 12:43

Тоше има само датум на раѓање- е мислата која секоја година на 25-ти јануари ги обединува фановите од поранешните ЈУ- простори. Во Спомен куќата во Крушево, во чест на роденденот на Тоше Проески, организирана културно- уметничка програма. Во Домот на АРМ во Скопје, пак голема крводарителска акција...

Тоше има само датум на раѓање- е мислата која секоја година на 25-ти јануари ги обединува фановите на човекот кој имаше љубов и убав збор за сите. Несебично даруваше од скапоцената течност многу пати.

Во негова чест на овој ден, својата хуманост преку чинот на дарување крв ја покажале над 4.000 крводарители во текот на годините.

„Прв пат учествувам во крводарителска акција во Македонија, прочитав на социјалните мрежи за Тоше и за тоа колку величенствен и чесен човек беше тој. Сѐ уште се сеќавам на него и што тој претставуваше за вашата земја“.

„Во чест на Тоше, дарувам крв веќе трет пат.“

„Последниве години на овој ден дарувам крв“- велат граѓаните што ги анкетиравме.

Ликот и хуманото дело на Тоше се позитивен пример и поттик за помладите, но и повеќекратните дарители.

„Статистички гледано, некаде околу 70 до 80 проценти од дарителите кои доаѓаат на оваа акција се првократни, или пак млади дарители“, изјави Александра Валкановска, Црвен крст на Град Скопје.

„Веќе собравме околу 60 единици крв кои се испратени во институцијата на тестирање, очекуваме дека ќе има над 400“, вели д-р Милена Благоевска, Институт за трансфузиона медицина.

Крводарителската акција во чест на Тоше почна во 2010 година. Се одржува два пати во годината- во јануари и во октомври.

 

Александра Спировска