Пожар во семејна куќа, загинаа мајка и четири деца
Трагедија во Тетово. Во пожар во двокатна куќа загинаа мајка и четири малолетни деца. Надлежниот обвинител, во соработка со тетовската полиција и противпожарната служба врши увид. Тим за форензика од Скопје и екипа на ЕВН помагаат во утврдувањето на околностите и причините за пожарот.

Сѐ уште нема потврда од Јавното обвинителство кои се причините за смртта на мајката и четирите деца кои синоќа настрадаа во пожар во семејната куќа во Тетово. Од обвинителството велат дека сѐ уште ги чекаат резултатите од првичните вештачења, за да се утврди која била причината за смртта. Засега не се потврдува ниту информацијата дека пожарот настанал како резултат на исфрлено жарче од каминот, кој се наоѓал на вториот кат од куќата. Исто така, останува непознато зошто мајката и нејзините четири деца, не успеале да избегаат и да се спасат од оваа катастрофа која што му се случила на семејството.
Официјално, веќе е потврдено дека во огнената стихија настрадале мајка и деца кои биле на возраст од четири од 13 години. Нивните тела се однесени на вештачење, за да се потврди дали причината за смртта е задушување.
Во моментот кога се случила несреќата, таткото на децата не бил дома. Тој работел како ноќен чувар, и не бил во семејната куќа, додека, бабата и дедото на децата, кои спиеле на долниот кат, успеале да се спасат.
Од противпожарната екипа велат дека пожарот избувнал околу 3 часот и 30 минути по полноќ, додека дојавата ја добиле половина час подоцна. Тие веднаш интервенирале со 13 пожарникари и четири противпожарни возила. Пожарот бил локализиран, меѓутоа сѐ уште трае вештачењето за да се види која е причината за оваа катастрофа.
Анита Димитријевска
