Средбата меѓу Заев и Ципрас- темел за решение на спорот за името
Само преку дијалог може да се решаваат проблемите и отворените прашања, евроамбасадорот Самуел Жбогар за средбата на премиерите Заев и Ципрас. Најави дека следните шест месеци ќе бидат многу интензивни на релација Европска унија- Западен Балкан.

„Средбата Заев- Ципрас е добар темел за добро разбирање и изнаоѓање на решение преку дијалог.“ Евроамбасадорот Самуел Жбогар со оптимистичка оценка за средбата меѓу премиерите на Грција и на Македонија во Давос. Најави поголема активност на Унијата во наредните шест месеци и можно отворање на пристапни разговори со некои земји од Западниот Балкан.
„Комесарот за проширување Хан вчера рече дека состанокот помеѓу двајцата премиери на двете земји е навистина добра вест. Навистина можам да кажам дека оваа средба е добра вест, зашто само преку дијалог можат да се решаваат проблемите, и тоа е единствениот начин секогаш да се решаваат отворените прашања. Во изминатите неколку месеци, двете влади на Република Македонија и Грција навистина воспоставија многу интензивен дијалог со цел да можат да креираат атмосфера која ќе придонесе кон наоѓање на решение“, изјави евроамбасадорот Жбогар.
Реакциите од Брисел доаѓаат по синоќешните изјави по средбата на Заев и Ципрас. Најавите за промени од двете страни за Европската унија се вистински начин за решавање на отворените прашања.
„Мора да најдеме решение, прифатливо за сите вклучени страни. Посебно нагласив дека мора да се најде име за севкупна употреба и да се интензивираат разговорите во ОН“, рече грчкиот премиер Ципрас.
„Крајното решение мора да биде прифатливо за двете страни. Решението мора да биде во заштита на националноот достоинство и идентитет на нашите народи. Објавувам дека ќе го смениме името на аеродромот и автопатот ќе се вика пријателство“, изјави премиерот Заев.
Евроамбасадорот најави дека во февруари во стратегијата за Западен Балкан на Европската комисија ќе влезе и Македонија.
Ирина Гелевска
