Пожар во Тетово однесе пет животи
Трагедија во Тетово. Мајка со четири малолетни деца загинаа, откако избувнал пожар на првиот кат од семејната куќа каде што спиеле. Таткото бил на работа. Бабата и дедото, од приземјето успеале да побегнат на време. Причините за несреќата се утврдуваат...

Републичката крим- техника, заедно со тим форензичари од Скопје се вклучи во истрагата што ја отвори јавниот обвинител од Тетово за трагедијата на семејството Зулбеари. Пет безживотни тела беа извлечени од нивниот пеплосан дом, по големиот пожар.
По налогот за обдукција се постапува, лекари од Институтот за судска медицина утврдуваат која е причината за смртта. Тоа ќе им помогне на истражителите да добијат и одговор на прашањата како настанал пожарот, што го предизвикал и како се проширил до таа мера- за мајката и нејзините деца да не можат да побегнат.
На улицата „Гоце Делчев“ ноќеска во пожар во семејна куќа загинаа пет луѓе. 39- годишната мајка и нејзините четири малолетни деца.
Трите момчиња и девојчето се на возраст од 6 до 14 години. Нивните баба и дедо не успеале да ги спасат. Таткото бил на работа. Тесните улички од калдрма и збиените куќи ја отежнале брзата реакција на противпожарните екипи.
„Се работи за стари куќи, над 50-60 години, градени со слаб материјал. Кровната конструкција беше падната, пламенот ги опколил. Немало шанса да се спасат“, вели Ука Алити, командир на Противпожарната бригада- Тетово.
Соседите во шок од големата трагедија во нивното маало. Помош понуди и градоначалничката на Тетово.
„Органите ќе си ја завршат работата, да се видат причините за несреќата, додека ние ќе помогнеме на семејството. Многу ни е жал“, изјави Теута Арифи, градоначалник на Тетово.
Во истрагата се вклучија и екипи на ЕВН- Македонија за да се утврди дали старата и дотрајана електрична инсталација придонела за да се запали куќата.
Анита Димитријевска
