Еклстон се согласува со ставот на Путин за „Геј пропагандата“
Сопственикот на Формула 1 Берни Еклстон изјави дека го поддржува рускиот претседател Владимир Путин, за анти-геј законот, кој во времето кога беше усвоен, како и пред почетокот на зимските Олимписки Игри во Сочи, предизвика бурни реакции на Западот и меѓу активистите за правата на хомосексуалците.

Во разговор за Си-Ен-Ен, Еклстон го бранеше Путин, објаснувајќи дека рускиот претседател никогаш не се изјаснил дека е против хомосексуалците, туку дека се противи на рекламирањето и пропагирањето на хомосексуалноста кај младите под 18 години.
- Комплетно се согласувам со претседателот Путин околу ваквата позиција, рече Еклстон.
Тој смета дека доколку се направи едно глобално истражување- „90 отсто од луѓето во светот, ќе се согласат со позицијата на Путин“.
Еклстон (83) кој важи за еден од дваестмината најбогати Британци, е првата јавна личност во Велика Британија која јавно го поддржува Путин околу законот за хомосексуалноста и која, воопшто, се охрабри да зборува за тоа во едно интервју. Неговата изјава веднаш беше критикувана од домашните геј активисти.
Поддршката што Еклстон му ја дава на рускиот претсeдетел за хомосексуалноста, доаѓа по вчерашната пресуда на Вишиот суд во Лондон кој го ослободи Еклстон од тужбата да плати отштета од преку 100 милиони евра на една германска комапнија, но го означи неговиот договор со еден германски адвокат како „коруптивен“.
Само поради одминатата возраст лондонскиот суд нема да покрене судење на Еклстон за давање поткуп, но тој се соочува со судење во Германија, за што би можел да добие казна затвор од десет години.
Пресудата во која Еклстон е осомничен за корупција, може да предизвика тешки последици врз неговиот углед во автомобилскиот спорт во кој делува повеќе од 40 години и да го принуди да се повлече од раководењето со трките за Формула 1.
