Сакрални објекти низ „Патинираните цитати“ на Мирчо Матевски Рисимкин

21.02.2014 16:39

Синоќешната изложба на академскиот сликар Мирчо Матевски Рисимкин со наслов „Патинирани цитати“, која беше поставена во галеријата на Младинскиот Културен Центар во Скопје, зборуваше за спојот на различни култури, цивилизации и ентитети.

Меѓу Медитеранот и Византија, меѓу пафтите и Белите Ангели, меѓу иницијалите на глаголицата како исчезнато писмо и патот на Тајните книги и симболи откриени во големото Рондо во кое се врти земјата... Тука некаде се задржува сликарството на Рисимкин, кој преку своите 20 делаработени во малсена техника на платно, настанити во периодот од 2009 – 2014, го опфаќа нашето културно наследство- фреските и иконите, но исто така и богатото народно творештво – писменоста и традицијата.Во изјава за МТВ тој зборуваше колку е важно да се зачува културното наследство.

„Културното наследство, народното творештво и традицијата се важни и определувачки сегменти за секој народ и неговиот идентитет. Културното богатство треба да се чува и негува. Тоа е пред се должност на институциите, односно на Државата која има моќ да ги направи сите тие потребни работи за зачувување на истото. Меѓутоа од друга страна мислам дека тоа зависи и од самите нас како поединци. Нема да фали ниту една икона доколку секој знае да се сноси со одговореноста за тоа што го работи. Кога сите би го работеле исправно својот дел од работата, ќе немаме проблем со исчезнување на овие вредни работи“.

Мирчо Матевски Рисимкин е роден во Скопје, 1961 година. Завршил средно уметничко училиште, дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на професорот Димитар Кондовски, а магистрирал на ФЛУ во класата на професорот Јован Шумковски. Член е на ДЛУМ од 1984 година. Вработен е во Меѓународното училиште „Нова“ во Скопје, а во периодот од 1998 – 2009 година живеел и работел во Австралија.

Моника Јовановска