ЕК: Средбата Заев- Ципрас е добар потег, решението да се бара во рамките на ОН
Брисел го поздравува дијалогот меѓу Скопје и Атина за изнаоѓање решение околу проблемот со името. Сепак, се потенцира дека Унијата нема да биде посредник во преговорите. Таа улога ја имаат Обединетите нации...

Европската комисија порача дека добрососедските односи се клучни за евроинтеграцијата и дека средбата меѓу грчкиот и македонскиот премиер е добар потег за наоѓање на решение за името. Заменик- портпаролот на Комисијата Александар Винтерштајн изјави дека Унијата не сака да презеде улога на посредник во разговорите меѓу Атина и Скопје, туку решението треба да се бара во рамките на Обединетите нации.
„Наша позиција е дека одржување на добрососедски односи, вклучувајќи и преговарање за заемно прифатливо решение за името под покровителство на Обединетите нации останува клучно. Се разбира ги поздравуваме чекорите преземени од двете страни за вклучување во разговорите“, изјави Александар Винтерштајн, заменик- портпарол на ЕК.
Винтерштајн не сакаше да ја коментира изјавата на лидерот на грчката „Неа демократија“ дека прозорецот на можностите за решавање на спорот за името е затворен.
Од Обединетите нации соопштија дека посредникот Метју Нимиц во понеделник пристига во Атина, а во среда во Скопје за да го слушне ставот за последниот сет- идеи за можно решение.
Ирина Гелевска
