Владата ги повлече измените на законот за лекови, предлогот треба технички да се доработи
Владата ги повлече предлог - измените на законот за лекови и медицински средства, во прво читање, што се однесуваа на паралелен узвоз на лекови. Претседателката на Комисијата за здравство, Мирсаде Емини Асани, рече дека во владиниот допис не е наведена причина зошто се повлекува предлог- законот. Се огласи ресорниот министер Филипче. Предлогот треба технички да се доработи.

Владата го повлече Предлог- законот што требаше да донесе поголема контрола на лековите од паралелен увоз, непосредно пред собраниската Комисија за здравство.
„Пред да почне закажаната седница, добивме допис од Владата на Република Македонија дека истиот Предлог- закон го повлекува, еве тука е и дописот. Немаше никакво дообјаснување, понатака може би ќе има промени, можеби дополнителни дообјаснувања од Владата на Република Македонија“, изјави Мирсаде Емини Асани, претседател на Комисијата за здравство.
Од Министерството за здравство објаснија дека е потребно Предлог- законот технички да се доработи за да се спречи, и да нема мешање од еден во друг член. Додаваат дека е формирана работна група и Законот повторно ќе биде вратен во собраниска процедура.
При претставување на измените, од Владата рекоа дека ќе ги задолжат веледрогериите да обезбедат оригинален сертификат за квалитетот на лековите од паралелниот увоз, издаден од производителот или од лабораторија овластена од надлежен орган на земјата производител.
Паралелниот увоз беше воведен за да се намалат високите цени на одредени лекови. Во меѓувреме, беше откриен фалсикуван лек за што се води истрага.
Андријана Атанасовска
