Почна судењето за нападот врз Зијадин Села, десетмина на обвинителна клупа
Почна судењето на напаѓачите на Зијадин Села во Собранието. Десетмина се обвинети за обид за убиство на пратеникот. Не се чувствуваат виновни. Лидерот на Алијансата за Албанците бара обесштетување...

Не се чувствувам виновен- сите десетмина кои седнаа на обвинителна клупа се изјаснија дека неправедно се во судница. Се товарат за убиство во обид на лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села.
Обвинителот, во воведен збор рече дека причина поради која пратеникот не е убиен, е тоа што по тепањето не давал знаци на живот, па обвинетите мислеле дека е мртов. Најмногу удари и повреди добил во главата, од кои два биле животозагрозувачки.
Адвокатот на Села кој се приклучи кон кривичниот прогон побара отштета, но не прецизираше за колкава сума станува збор.
Адвокатот на еден од обвинетите, Коста Делов, наведе дека кај неговиот клиент постоеле измешани чувства поради, како што рече, незаконскиот избор на претседател на Собранието и пеењето химна на друга држава. Делов, рече бранителот, се фотографирал во Собранието со цел да се пофали на Фејсбук, а поради таквата фотографија истрагата била проширена иако, не учествувал во тепањето.
На 8-ми февруари судењето продолжува во доказна постапка. Ќе се сослушуваат сведоците на обвинителството. Исказ ќе даде и оштетениот Зијадин Села.
Анита Димитријевска
