Џолев: Со приведувањето на пратениците законот не е прекршен

26.01.2018 15:55

Новоизбраниот претседател на Кривичниот суд, Иван Џолев вели дека со приведувањето на пратениците за собраниските настани, законот не е прекршен. На бринфинг со новинарите, најави дека очекува до крајот на март да влезат во новата зграда...

Законот јасно ги разграничува термините приведување и притворање. Според претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, приведувањето на обвинетите пратеници за случувањата од 27-ми април е согласно законот. На својот имунитет пратениците се повикуваат дури доколку треба да се одлучува за мерка притвор.

Во случајот,  судот одлучил пратениците да не бидат привилегирани и да бидат приведени на ист начин како и останатите обвинети. Ним мерката притвор им беше изречена дури откако завршија сите процедури во Собранието за симнување на нивниот имунитет, рече на брифингот со новинарите првиот човек на скопска единица, Џолев.

Тој посочи дека доколку завршат процедурите во Катастарот и се добие употребната дозвола, очекува новата зграда на судот да биде отворена на 31-ви март, Денот на правосудството. Новиот барокен објект ќе има 25 судници од кои две репрезентативни за предмети од организиран криминал.

Веројатно ќе бидат надминати и техничките проблеми и недостаток од камери за визуелно тонско снимање на рочиштата. Иако токму ова беше причината за одложување на неколку рочишта за случаите на Специјалното јавно обвинителство бидејќи адвокатите на обвинетите бараа да биде исполнет овој услов, сепак Џолев смета дека тоа не е услов за одложување на рочиштата бидејќи во тој дел Законот за кривична постапка е јасен.

Веќе се работи по новиот распоред и има лица кои го контролираат движењето на предметите според АКМИС системот. Џолев објасни дека решенијата од истражната постапка не смеат да се објавуваат и дека секое нивно објавување претставува кривично дело.

Тој на брифингот најави поотворена комуникација со медиумите. Редовни брифинзи ќе се одржуваат во вторник, секоја прва и трета недела во месецот. По потреба, ќе бидат договарани и дополнителни состаноци.

 

Фиљана Кока