Заев во Давос: Реформите се клучни за напредок на државата
Премиерот Заев во Давос на средба со комесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан. Информирал за состанокот со грчкиот премиер Алексис Ципрас. Очекува поместување во евроинтегративните процеси. Дипломатот го охрабрил дека решавањето на отвореното прашање ќе биде добро и за двете земји. Во Давос, премиерот Заев се сретнал и со советникот на Трамп, Џаред Кушнер...

Средбата со грчкиот премиер во голема мера го придвижува процесот на преговорите за името и потенцијалите за ново, квалитетно поместување во билатералните односи, информирал премиерот Зоран Заев на средбата во Давос со еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан. Заев истакнал дека средбата со Ципрас е од големо значење за поместување на евроинтеграцијата, што ја прави 2018-та историска година за Македонија, регионот и за ЕУ. Еврокомесарот Хан го повторил ставот дека средбата Заев-Ципрас е многу добра вест, која покажува храброст, визија и државништво, и дека решавањето на долгогодишниот спор ќе биде добро за двете земји, регионот и Европа.
„Во сите работни средби кои ги имавме со министерот за надворешни работи, добивме силна поддршка за реформите што ги спроведуваме во Македонија. Политичките пријатели на Македонија и потенцијалните бизнис инвеститори ни упатија јасна порака: „Реформите се клучни за економски просперитет!“. Интеграцијата на Македонија надвор, реформите и економските мерки дома, се клучни за развој и за внатрешен напредок на нашата држава“, изјави премиерот Заев од Давос.
Европската комисија порача дека добрососедските односи се клучни за евроинтеграцијата и дека средбата меѓу грчкиот и македонскиот премиер е добар потег за наоѓање на решение за името.
„Наша позиција е дека одржување на добрососедски односи, вклучувајќи и преговарање за заемно прифатливо решение за името под покровителство на Обединетите нации останува клучно. Се разбира ги поздравуваме чекорите преземени од двете страни за вклучување во разговорите“, изјави Александар Винтерштајн, заменик- портпарол на ЕК.
Заменик- портпаролот на Европската комисија не сакаше да ја коментира изјавата на лидерот на грчката „Неа Демократија“ дека прозорецот на можностите за решавање на спорот за името е затворен. Од Обединетите нации соопштија дека посредникот Метју Нимиц во понеделник пристига во Атина, а во среда во Скопје за да го слушне ставот за последниот сет- идеи за можно решение.
Ирина Гелевска
