Координација за предлозите на Нимиц
Во Клубот на пратениците со почеток од 18 часот, координативна средба на државниот врв и лидери на политички партии за иницијалната рамка за решавање на разликата за името предложена од медијаторот Нимиц. Посредникот на Обединетите нации доаѓа во Македонија на 31-ви јануари. Претходно ќе ја посети Атина...

Клубот на пратениците е местото каде македонскиот државен врв и партиски лидери денеска ќе разговараат за иницијалната рамка за решавање на разликата околу името со Грција, што ја предложи медијаторот Метју Нимиц во Њујорк.
На средбата која е во организација на Министерството за надворешни работи, ќе присуствуваат премиерот Зоран Заев, шефот на дипломатијата Никола Димитров, претседателот на државата Ѓорге Иванов и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети.
Владините претставници ќе информираат за последниот сет идеи и за премиерската средба во Давос.
Во информацијата на Министерството за надворешни работи испратена до медиумите, се наведува дека ќе биде дозволено снимање на инсерти, но не се предвидени изјави по координативната средба. Дали јавноста целосно ќе биде лишена од директните размислувања на политичките чинители за спорот со името, останува да видиме по состанокот.
Средби и брифинзи одржува и премиерот Алексис Ципрас во Грција. Тој одделно ги информира претседателот на државата, министрите и лидерите на политичките партии за последните случувања во врска со разликата за името. За денеска се најавени одделни состаноци со лидерите на политичките партии.
За идната седмица, на плоштадот „Синтагма“ во Атина е закажан нов протест за името Македонија.
