Закон за употреба на јазиците: Уште еден обид, сега со илјадници амандмани

29.01.2018 09:58

Двојазичноста е причина за протестот пред Собранието, кадешто невладини организации и граѓани упатуваат пораки до законодавците и извршната власт. ВМРО-ДПМНЕ со 32 илјади амандмани ќе се обиде да го сопре Законот што го смета за неуставен, за што Иванов не го потпиша указот. За СДСМ тоа е опструкција...

Законот за употреба на јазиците е повторно во Собранието во трето читање, откако претседателот на државата Иванов не го потпиша указот за него. И овојпат, Законот е со европско знаменце, што значи дека не му е потребно двотретинско мнозинство за да се донесе.

Пред Собранието, иницијативата „Преродба“ составена од повеќе невладини здруженија и граѓани, најави протести кои почнуваат денеска. Во образложението, иницијаторите велат дека овој Закон е неуставен, но исто така бараат и прекинување на разговорите за разликата за името, со кои, според нив се изменува националниот идентитет на земјата.

ВМРО-ДПМНЕ бара истрага за фрлањето на нивните амандмани за Законот за употреба на јазиците. „Не смее никому да му се дозволи да ја понижува демократијата“, велат од партијата, и додаваат дека ваквите постапки нема да ги спречат и натаму да ги бранат Уставот и државата.

Собранието информира дека сите поднесени амандмани за Законот за употреба на јазиците се уредно примени во собраниската архива и најостро ги демантира наводите изнесени од ВМРО-ДПМНЕ.

„Со оглед на големиот број поднесени амандмани, службата на Собранието уредно постапува во рамките на своите задолженија, сѐ до целосно завршување на процесо.. По спроведена интерна проверка утврдено е дека сите оригинали од амандманите уредно се архивирани и се наоѓаат во собраниската архива. Амандманите прикажани во јавноста се копии од амандмани кои се уредно внесени во процедура и се веќе објавени на Е-парламент, со што им се достапни на сите 120 пратеници и на јавноста“, се вели во соопштението.

„ВМРО-ДПМНЕ параниочно шири лажни вести, обидот да ги вовлекува собраниските служби во своите политикански игри за блокади е скандалозен“- реагираат од СДСМ. Од партијата извесуваат дека според јавно достапните информации објавени во медиумите, собраниските служби веќе потврдиле дека сите амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ се уредно примени, архивирани и заверени.

„Сите конструкции на ВМРО-ДПМНЕ паѓаат во вода. Со овој очаен потег, јасно се чита намерата на ВМРО-ДПМНЕ да ја прикрива загубената доверба кај граѓаните со постојано измислување лажни вести“- велат Социјалдемократите.