Заев: Опозицијата да не го блокира Собранието
Сега е моментот да се реши разликата со Грција околу името, оценува премиерот Заев. За Законот за употреба на јазиците смета, опозицијата не смее да опструира, тоа се одразува на реформскиот процес...

Опозицијата има право на амандмани, но со поднесените повеќе од 30 илјади за Законот за употреба на јазиците се блокира работата на Собранието- смета премиерот Заев. Посочува дека ваквата ситуација може да се рефлектира на реформскиот процес. Очекува да се најде решение низ разговорите на координаторите на пратеничките групи.
„Македонија е пред позитивна клима за можна препорака за отпочнување преговори за ЕУ, а се надевам во јуни дури и за датум за почнување на преговорите. Ако ги заглавиме реформите не може да кажеме дека ќе се движиме во таа насока, но верувам дека и опозицијата ќе биде разумна во делокругот на Деловникот што го нуди Собранието. Се надевам дека ќе се изнајде решение во разговорите помеѓу координаторите и претставниците на опозицијата и на владејачките партии“, изјави премиерот Заев.
Заев смета дека сега е моментот и да се реши разликата со Грција околу името. Вели дека политичарите треба да донесат мудри одлуки со кои, како што рече, ќе се зачува достоинството на македонскиот народ, но истовремено ќе се земе предвид и ставот на грчката страна.
„Ставот на СДСМ е да се изнајде решение заедно со опозицијата и на крајот конечното решение да биде потврдено на референдум. Тоа не е толку страшно, трагично или невозможно, референдумот се организира според законите, во брза постапка, ако застанеме сите, пред се политичарите да ги соопштиме своите ставови, ќе му помогнеме на нашиот народ, на тој ќе излезе и ќе си го каже својот став“, нагласи Заев.
Заев не коментираше што ќе му соопшти на Нимиц кој доаѓа во Скопје. Вели дека сите општествени чинители имаат усогласено аспект на пристап во преговарачкиот процес, а на медијаторот ќе му бидат пренесени ставовите и аргументите.
Анита Димитријевска
