Мајка и син загинаа во пожар во Битола
Трагедија изутрината во Битола. Во пожар на семејната куќа на ул. Девеани број 115, животот го загубија мајка и нејзиниот седумнаесет годишен син, кој за некој месец требало да ја прославува својата матура. Според првичните сознанија, пожарот е предизвикан од вклучено електрично грејно тело и стара електрична инсталација...

За кусо време нови жртви при пожар на семејна куќа. 53- годишната мајка Ф.А. и нејзиниот 17- годишен син Д.А. во раните утримски часови настрадаа при пожарот што избувнал во семејната куќа на улицата Девеани број 115. Огнената стихија ја забележал супругот кој бил во тоалетот што се наоѓал надвор од куќата. Очевидците на настанот велат дека тој веднаш побарал помош од соседите, но залудни биле сите вложени напори. Со тага и болка за немилот настан говори другарката на загинатото момче, кое за некој месец требаше да ја прославува својата матура.
„Ние спиевме, ама околу три часот почна да се слуша силно како нешто гори. Имаше големи пламени јазици на покривот. Повозрасните соседи помагаа, но додека дојдоа пожарникарите покривот се сруши, а тие внатре изгореа“, вели младата соседка и другарка на загинатото момче.
Од противпожарната единица велат дека биле повикани околу четири часот. Со две возила и пет пожарникари веднаш се упатиле на местото на настанот. Но, за жал пожарот бил во напредна фаза, а кровната конструкција веќе била срушена во просторијата каде биле мајката и синот.
„По дојавата веднаш реагиравме, но очигледно пожарот избувнал во една претходна подалечна временска фаза, така да нашето присуство се сведе на локализирање на пожарот и помош на другите органи при вадењето на мртвите тела“, вели командирот на противпожарната единица, Константин Поповски.
Увид на лице место е направен и од стручни тимови на СВР Битола. Спред првичните наоди се претпоставува дека причината за пожарот било вклучено електрично грејно тело и стра електрична инсталација.
Од противпожарната единица апелираат преку ноќта да не се оставаат вклучени грејни тела, а до оние што се грејат на дрва, редовно чистење на оџаците.
Стевче Митревски
