Заев: Сега е моментот да се реши разликата со Грција околу името
Сега е моментот да се реши разликата со Грција околу името, оценува премиерот Заев. За Законот за употреба на јазиците смета- опозицијата не смее да опструира, тоа се одразува на реформскиот процес. Во Брисел, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го запознал еврокомесарот Хан за состојбата во земјава...

Сега е моментот да се реши разликата со Грција околу името, смета премиерот Зоран Заев. Вели дека политичарите треба да донесат мудри одлуки со кои, како што рече, ќе се зачува достоинството на македонскиот народ, но истовремено ќе се земе предвид и ставот на грчката страна.
„Ставот на СДСМ е да се изнајде решение заедно со опозицијата и на крајот конечното решение да биде потврдено на референдум. Тоа не е толку страшно, трагично или невозможно, референдумот се организира според законите, во брза постапка, ако застанеме сите, пред се политичарите да ги соопштиме своите ставови, ќе му помогнеме на нашиот народ, на тој ќе излезе и ќе си го каже својот став“, изјави премиерот Заев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по средбата со еврокомесарот Јоханес Хан во Брисел рече дека реформските процеси во земјава останале само на хартија. Вели дека конечно биле информирани за предлогот на Нимиц и апелираше да се постигне консензус.
„Потенциравме дека остануваме на патеката за што е можно побрзо интегрирање на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО. Истовремено потенциравме дека ВМРО-ДПМНЕ останува на браникот на заштита на државните и национални интереси. Сѐ уште во општеството и помеѓу политичките конкуренти во соседна Република Грција не постои консензус. Апелирам што е можно побрзо да се најде консензус и да дојде крајот на решавање на овој долгогодишен спор кој што Република Македонија го има со соседна Грција“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Медијаторот Нимиц посетата на двете земји ја почна од Атина. В среда попладне доаѓа во Скопје, а еден ден подоцна ќе има средби со државниот врв. Неговата мисија е да слушне што е прифатливо од сетот идеи, понудени на последната рунда разговори во Њујорк.
Анита Димитријевска
