Грција ќе ѝ достави на Македонија нацрт- спогодба во четири точки
Посредникот на Обединетите нации за разликата за името, Метју Нимиц на средбите во Атина со грчкиот министер и заменик министер за надворешни работи го разгледувале предлогот- идеи што Нимиц ги презентираше на последната рунда разговори во Њујорк...
Грција ќе ѝ достави на Македонија нацрт спогодба во четири точки кон средината на февруари со предлози за името, за употребата, меѓународни и регионални односи и мерки за доверба, открива шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас во интервју за „ЕРТ“ пред неговата денешна средба со Нимиц.
Освен познатото барање- име за севкупна употреба, грчките претставници очекуваат сложеното име да не биде преведувано на англиски јазик, односно да се користи кирилицата со промена на македонските лични документи.
Грција не го прифаќа предлогот на Нимиц за постепено решение, и инсистира да не се дели во фази, да се промени и македонскиот Устав како гаранција, некоја идна македонска влада да не го поништува договорот.
Официјална Атина оценува дека е создаден поволен момент за решение на долгогодишниот спор. Слично мислење имаат и Обединетите нации. Заменик -портпаролот на ОН, Фархан Хак смета дека може да биде постигнат напредок во решавањето на 25-годишниот спор меѓу Грција и Македонија за името, ако има компромис кај раководствата и народите на двете држави.
Оптимист е и американскиот амбасадор во Атина, Џефри Пјат. „САД ќе сторат сѐ да ги поддржат напорите што ќе ги презема Нимиц во наредните денови и недели“, изјавил Пјат за грчката ТВ Скај.
Претседателот на Европскиот парламент, Тајани изрази оптимизам во интервјуто за весникот „Нов Европски Балкан“, посочувајќи го напредокот на Македонија, затворање на прашањето на името и отворање на пристапните преговори со Унијата оваа година.
Ирина Гелевска
