Политичарите имаат договор - се чека украинската улица
Се чека одговорот на украинската улица откако претседателот Јанукович и претставниците на опозицијата го потпишаа договорот за крај на крвопролевањата – во рок од 48 часа враќање на уставот од 2004, во рок од 10 дена формирање на влада на национално единство, итно воспоставување на рамнотежа меѓу претседателската и парламентарната власт и претседателски избори не подоцна од декември годинава – изгласано со тепачки во и пред парламентот.

По целоноќни преговори со власта и претставници на Европската унија и на Русија, опозициските лидери сега треба да ги убедат демонстрантите. Не е извесно дали ќе го прифатат документот.
„Предвремени избори? Знам многу вицови, но овој е најдобриот. Ќе си го запишам“.
„По толку загинати мислите дека ќе запреме сега? Нема шанса!“, велат демонстрантите.
Во насилствата во изминатите неколку дена загинаа 77 луѓе. За радикалната националистичка група Десен сектор е предоцна за договор. Улицата нема да биде задоволна додека Јанукович не поднесе оставка и не биде изнесен пред суд.
„Не треба да преговараме со него. Го прави ова за да го зачува имунитетот. Народот сака само едно – оставка“, тврди еден демонстрант.
Полскиот премиер Туск, кој беше активно вклучен во постигнувањето на договорот, предупредува – уште не се знае дали е избегнато најлошото сценарио.
„Ги разбираме чувствата на народот на Мајданот и тешко е да се предвиди дали би прифатиле компромис со Јанукович во моментов“, изјави полскиот премиер.
Во очекување ситуацијата да се смири, на Евромајданот не престануваат престрелките меѓу полицијата и демонстрантите. Народот масовно купува храна и лекови. Политичарите и странците ја напуштаат земјата.
