Повторно во сила мерките против аерозагадувањето

30.01.2018 15:39

Повторно во сила мерките за ублажување на аерозагадувањето. Граѓаните не се убедени дека има ефект. Лош амбиентален воздух ја убива и Европа. Поради неуспешно сравување со проблемот, годишно умираат 400 илјади луѓе...

Бремените жени, постарите од 60 години, хронично болните со астма, срцев или мозочен удар да се ослободат од работа- препорачува Владата. Повторно стапија во сила итните мерки, откако во два последователни дена е измерена висока загаденост на воздухот. Се предлага реорганизација на времето за оние што работат на отворено. Се бара стопирање на сите градежните активности, во Скопје- бесплатен јавен превоз.

„Веднаш издадов наредба до службите на градот Скопје и до Јавното сообраќајно претпријатие, јавниот транспорт да биде бесплатен, да се зголеми инспекцискиот надзор, да се сопрат градежните активности. Ги повикувам Министерството за внатрешни работи да изврши посериозна контрола на автомобилите кои што го загадуваат воздухот“, изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Концентрацијата на штетните честички во воздухот е неколкупати над дозволеното. Во текот на ноќта, имаше мерни станици на кои надмина 500 микрограми на кубен метар.

„Потребни се ригорозни казни за секој прекршител. Еве на пример јадеме на клупа фрламе отпадок каде сакаме. Палиме цигари, пикавци фрламе. Се копа, прашина се крева. Не почитуваме да се намали возењето на автомобили.“                  

„Сите да носиме маски тоа е решението. Друго решение во оваа ситуација нема. Се покажа дека и со бесплатниот превоз што се организира нема ефект“- велат граѓаните.

Проблеми и во регионот. И во Приштина се воведуваат итни мерки за борба против аерозагадувањето. Во смог се гуши и соседна Бугарија. Во Софија за првпат воведен „зелен билет“ за јавниот транспорт по симболична цена.

„За жал во последниве 3 до 4 дена, како што и предвидовме нивото на штетните честички го надмина дозволениот праг. Советот на Град Софија усвои сет мерки кои се привремени за да се одговори на ситуацијата“, изјави Јорданка Фандакова,  градоначалник на Софија.

Министерски состанок за аерозагадувањето и во Европската унија. Брисел бара итни мерки од земјите- членки.

„Секоја година, огромен број на човечки животи се скратени поради аерозагадувањето. 400 илјади луѓе предвреме умираат секоја година поради неуспехот да се справиме со проблемот. Многу други патат од болести кои се поврзани со аерозагадувањето“, изјави Кармену Вела- еврокомесар.

Европската унија бара од 13 земји- членки да преземат мерки за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух во околу 130 градови.

 

Андријана Атанасовска