Разговори за името

Нимиц во Атина: Нема да објавам што се содржи во идеите, се надевам владите нешто ќе искористат

30.01.2018 16:10

„Нема да објавам што се содржи во идеите кои им ги дадов на двете влади- се надевам дека нешто ќе искористат“, медијаторот Нимиц по средбите во Грција. Пред состанокот, шефот на грчката дипломатија во интервју изјави дека на земјава ќе ѝ се достави нацрт- спогодба со четири точки поврзани со предлози и соработка. Реагираше македонското Министерство за надворешни работи- јавното соопштување на крајните позиции може да го намали просторот за разговори за името...

Го слушнав мислењето на грчката страна за идеите што ги презентирав како решение за името, изјави посредникот Метју Нимиц по средбите со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас и преговарачот Адамантиос Василакис во Атина.

„Нема да објавам што се содржи во идеите кои им ги дадов на двете влади. Имаше протекување на некои од идеите, но мислам дека не е добра идеја јас да кажам што предложив. Двете влади можат да ги разгледаат и да размислат за нивните сопствени идеи и се надевам ќе користат нешто од моите. Никогаш не давам крајни идеи. Јас сум медијатор, а не судија, па затоа не давам крајни идеи, туку најдобри идеи во моментов. Внимателно го слушав министерот Коѕијас и неговите колеги кои имаа некои свои идеи што треба да се земат предвид. Ќе слушнам какви идеи имаат и во Скопје, но на двете страни е да постигнат решение врз основа на нивните идеи“, изајви посредникот на ОН за разликата за името, Метју Нимиц.

„Јавното соопштување на крајните позиции може да го намали просторот за разговори за името“- реагираат од македонското Министерство за надворешни работи по интервјуто на шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас за грчката „ЕРТ“, во кое објави дека Грција ќе ѝ достави на Македонија нацрт спогодба во четири точки кон средината на февруари со предлози за името, за употребата, меѓународни и регионални односи и мерки за доверба.

„Од наша страна има добра волја за заемно прифатливо решение кое ќе ги почитува интересите, достоинството и идентитетот на двата народа. За да дојдеме до решение ќе биде нужна добра волја и од другата страна“, велат од кабинетот на шефот на дипломатијата, Никола Димитров.

По Грција, медијаторот Нимиц доаѓа во посета на Македонија.

 

Ирина Гелевска