Загадувањето ќе се спречи со мерки на научна основа, а не популистички дефинирани
Да се направи детална анализа, па потоа да се дефинира секоја мерка за намалување на загадувањето – советува академската заедница. Од МАНУ велат – погрешните чекори можат да бидат контрапродуктивни. Меѓу предлозите- еколошка такса при увоз и регистрација на возила, којашто ќе зависи од емисиите на јаглерод диоксид, како ослободување од акциза за електрични возила...

Академската јавност порачува, аерозагадувањето ќе се намали само преку мерки базирани на научна основа и детално анализирани. Популистички и несоодветно дефинирани мерки може да предизвикаат поголема штета. Проблемот наталожен со децении не се решава преку ноќ- посочува академик Каневче.
„Анализи подетални за секоја од мерките, да не направиме мерка контрапродуктивна да фрлиме финансиски средства и изгубиме време, а тие анализи траат еден месец, два. Не е едноставна мерка да затвориш улици, а да немаш каде да се одвива сообракајот. Спречување на сообраќајот за Водно, јас сум заради рекреативците, но тоа не го намалува загдувањето, загадувањето е во нискиот слој во градот“, вели академик Глигор Каневче.
Урбанизацијата и стариот возен парк над 15 години што пораснал со узвот на половни возила- главни причинители за високите емисии на јаглерод диоксид во државава. Загадуваат и градежните машини и приватните автобуси и такси коли, со нееколошки стандарди. Ако не се презамаат соодветни активности, вкупните емисии ќе се зголемат за 56 насто до 2035-та, говорат анализите. Владата вели- со непопуларни и строги мерки, а не со калкулирање и популизам ќе се решаваат проблемите.
„По препораките и она што е добра пракса во тек е изработка на категоризација на возила, ако секој ја добие ќе може во зависоност дали е загаден или не денот, да влезе во центарот градот или не, владата ќе стимулира службите што набавуваат дизел возила тоа да не го прават, унапредување на сообраќајот со велосипеди“, вели Јани Макрадули, заменик- министер за животна средина.
За една третина може да се намали загадувањето со електрификација на транспортот преку даночни олеснувања и субвенции, велат од УНДП.
„Загадувањето од транспортот може да се намали за една третина, ако забрзано се исфрлат од сообраќај постарите возила со високи јаглеродни емисии и се зголеми бројот на хибридни и електрични возила“, посочува Нарин Сахакјан, УНДП.
Еколошка такса при увоз и регистрација и за нови возила што ќе зависи од емисиите на јаглерод диоскид, а не од моќноста на моторот, ослободување од акцизата и намалување на ДДВ од 18 на 5 проценти, не само за хибридни, туки и за електрични возила. Давачки со кои ќе се субвенционира купувањето еколошки возила.
Мерките и политиките на научната јавност со кои преку транзиција во транспортот може да се постигне нискојаглеродна економија, се во владина процедура, дел од двегодишниот извештај за клиамтски промени. Од МАНУ велат- со долгорочна примена може да обезбедат 35 проценти намалување на емисиите од транспортот.
Сузана Фиданска Стоевска
