Нимиц во Скопје на средби со македонскиот државен врв
Посредникот во раговорите за името Метју Нимиц, по Gрција доаѓа во Македонија. При дводневната посета на земјава, Нимиц ќе се сретне со државниот врв при што се очекува да информира за средбите во Атина. Ова е прва од најавените посети на медијаторот во јануари, февруари и март. Забрзана динамика на дипломатот на ОН за надминување на разликата околу името меѓу Грција и Македонија...

Медијаторот на Обединетите нации во спорот за името, Метју Нимиц денеска доаѓа во Скопје на дводневни разговори со македонскиот државен врв. Нимиц, вчера, по средбата со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, изјави дека постои моментум и дека е време за носење одлуки. Го слушнав мислењето на грчката страна за идеите што ги презентирав како решение за името, изјави посредникот Нимиц по средбите во Атина.
„Нема да објавам што се содржи во идеите кои им ги дадов на двете влади. Имаше протекување на некои од идеите, но мислам дека не е добра идеја јас да кажам што предложив. Двете влади можат да ги разгледаат и да размислат за нивните сопствени идеи и се надевам ќе користат нешто од моите. Никогаш не давам крајни идеи. Јас сум медијатор, а не судија, па затоа не давам крајни идеи, туку најдобри идеи во моментов. Внимателно го слушав министерот Коѕијас и неговите колеги кои имаа некои свои идеи што треба да се земат предвид. Ќе слушнам какви идеи имаат и во Скопје, но на двете страни е да постигнат решение врз основа на нивните идеи“, изајви вчера во Атина, посредникот на ОН за разликата за името, Метју Нимиц.
Претходно, шефот на грчката дипломатија, говорејќи за грчката државната телевизија ЕРТ, откри дека Грција кон средината на февруари ќе и достави на Македонија нацрт спогодба со четири точки - предлози за името, иредентизмот, меѓународни и регионални односи на Македонија и мерки за позитивна агенда.
Од кабинетот на шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, пак, изјавија дека во пресрет на посетета на специјалниот пратеник Нимиц, јавното соопштување крајни позиции може да го намали просторот за разговори.
