Столтенберг: Покана за Македонија штом се реши името
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг за белградска „Политика“ го повтори ставот на Алијансата- без заеднички прифатливо име на земјата нема членство во НАТО. На 11-ти и 12-ти јули во Брисел е најавен самитот на НАТО...

НАТО ќе испрати покана на Македонија за членство во Алијансата по заеднички договореното решение за спорот за името во рамки на ОН, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг за денешното издание на белградскиот весник „Политика“.
Во интервјуто, Столтенберг вели дека Алијансата останува посветена на поддршката на Македонија на нејзиниот пат кон членство во НАТО, додавајќи дека има позитивен импулс за прашањето за името.
Задоволство ми е што го посетив Скопје овој месец. Остануваме посветени на поддршката на земјата на нејзиниот пат кон членство во НАТО и сакаме да успее во тоа. Ова е во согласност со одлуката донесена на Самитот во Букурешт во 2008-ма година и повторена е во нашите декларации во Велс и Варшава. Сојузниците се согласија дека НАТО ќе испрати покана за членство во Алијансата по заеднички договореното решение за спорот за името во рамките на ОН. И неодамна видовме позитивен импулс за прашањето за името, рече Столтенберг.
Столтенберг вели дека работењето на Владата на реформите е исто така важно за НАТО. Во врска со безбедоносната состојба на Западен Балкан, генералниот секретар на НАТО констатира дека тоа е регион од стратешко значење за Алијансата.
