Повисока плата за 10 проценти за припадниците на АРМ, во февруари оглас за нови 375 војници
Со јануарската плата, припадниците на АРМ ќе добијат покачување од 10 проценти, најави министерката за одбрана Шекеринска. Во февруари првиот оглас за прием на нови 375 професионални војници. Шекеринска вели дека се обезбедени пари во буџетот и за нови униформи...

Покачувањето од 10 насто за сите припадници на Армијата почнува со јануарската плата, а годинава во редовите на АРМ ќе бидат примени и нови 375 професионални војници, најави министерката Шекеринска при посетата на Здружената оперативна команда во кумановската касарна „Боро Менков“. Смета дека со тоа ќе се подобри борбената готовност на Армијата.
„Уште еднаш можам да потврдам дека на крајот на јануари, практично почнува исплатата на 10-процентно зголемените плати на целокупниот персонал во служба на Армијата, покачување кое што долги години наназад не се случувало и кое покажува дека оваа Влада води сметка за подобрување на животниот стандард на вработените во АРМ, а со тоа ја зголемува и подобрува борбената готовност на нашата Армија“, изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Приемот на новите професионални војници ќе оди во три дела. Ќе се понуди шанса за воена кариера на младите. Првиот конкурс ќе се објави во февруари, вториот се планира пред почетокот на летото, а третиот кон крајот на годинава, вели министерката за одбрана. Информираше дека за приемот се обезбедени средства во буџетот.
„На тој начин ќе ја подмладиме нашата Армија, ќе им понудиме шанса за воена кариера на нашите млади и на тој начин ќе ја зголемиме борбената готовност, но и капацитетите на АРМ“, нагласи министерката Шекеринска.
Владата е подготвена да инвестира во подобро опремена, подготвена и подобро платена Армија, истакна Шекеринска, додавајќи дека во годинашниот план за јавни набавки има значителна сума за основна и резервна униформа за секој припадник на АРМ. Ги повика и текстилните компании да се вклучат во процесот, за да се добие поквалитетна и подобра и по можност домашно произведена униформа.
Милчо Велески
