Влада на РМ: Има политичка волја за решение на разликата за името
Има ли Македонија потенцијал да спроведе референдум, ако ДИК е во оставка. Работиме на конечно решение на проблемот што Грција го има со уставното име на Македонија, рече владиниот портпарол Бошњаковски. Од Владата велат дека сега е вистинското време да се најде решение за разликата за името, поради политичката волја од двете страни. Наскоро Владата ќе донесе одлука за промена на името на автопатот и на аеродромот „Александар Велики“...

„Сега е вистинското време да се изнајде решение за спорот што Грција го има со уставното име на Република Македонија“, став на Владата. Оттаму, пред официјалните средби со медијаторот Нимиц, велат дека постои политичка волја и од двете страни да се постигне заемно прифатливо решение што ќе ги почитува интересите, достоинството и идентитетот на двата народа.
Според портпаролот Бошњаковски, за тоа се потребни волја и компромис од двете страни. Информираше дека наскоро ќе биде донесена одлука со која автопатот и аеродромот ќе бидат преименувани, како што најави премиерот Заев од Давос.
Од Владата велат и дека референдум за името нема да се случи без да бидат избрани членови на Државната изборна комисија, а доколку разговорите дојдат до таму, државата има капацитет да одговори соодветно, објасни Бошњаковски.
За најавената нацрт- спогодба од Атина, Бошњаковски рече дека македонското и грчкото МНР работат заедно на сите аспекти од преговорите кои се водат под медијаторство на Метју Нимиц во рамките на Обединетите нации.
Викторија Милевска
