До крајот на годината ќе се знае дали Македонија ќе влезе во проектот на Гејтс за вакцина против ХПВ
До крајот на годината ќе се знае дали Македонија ќе влезе во проектот на мултимилијардерот Гејтс за донација на деветовалентната вакцина против ХПВ, најави министерот Филипче. Вакцината е одобрена од СЗО и Американската агенција за лекови, и штити од девет типови на овој вирус. Лани во земјава се дијагностицирани нови 300 заболени од рак на грлото на матката. Бројот на смртни случаи достигна 150 жени...

Лани кај 300 жени бил откриен рак на грлото на матката, 150 починале. Оваа смртоносна болест може да се спречи и со вакцинација, наскоро со деветвалентна вакцина. Според министерот за здравство Филипче, до крајот на годинава ќе се знае дали земјава ќе влезе во проектот на мултимилијардерот Гејтс, за донацијата на вакцината одобрена од СЗО.
„Тоа е во соработка со Канцер институтот од Америка и сега сме во фаза на разменување по податоци кои тие ги бараат од нас, како демографски податоци, историски податоци кои ги имаме за оваа болест. Очекувам во текот на оваа годинава да знаеме дали ќе влеземе во овој проект“, изјави министерот Филипче.
Лекарите објаснуваат дека раното откривање на болеста е клучно за лекувањето, затоа жените треба редовно да ги прават пап тестовите. Доктор Димитров вели, оваа вакцина е иднина во превенцијата на карциномот.
„Таа против девет типови на ХПВ кои предизвикуваат 92 проценти од карциномот на грлото на матката, а и голем процент на други карциноми како што се на вагина, вулва, на глава, на врат, на анус, на пенис и останати локализации“, изјави д-р Горан Димитров, претседател на Македонско лекарско друштво.
Жените од социјално загрозените семејства немаат еднаков пристап до програмите за борба против ракот на грлото на матката, ниту пак се доволно информирани за спречувањето- велат од здружението „Борка“.
„Треба повеќе да се работи на информирање, на едукација на младите девојки и жени, да им се објасни пристапот до скриниг програмите, ХПВ вакцинацијата, а со тоа да се зголеми и имплементацијата на овие услуги и програми кои што ги нуди Министерството за здравство“, изјави Биба Додева, здружение за борба против рак „Борка“.
Со скрининг програмата за рано откривање, лани биле тестирани 27 илјади жени на возраст од 45 до 64 години. Кај 87 насто резултатите биле негативни, кај 13 проценти бил дијагностициран ХПВ или друг вирус.
Андријана Атанасовска
