Нимиц: Очекувам добри разговори со Владата
Нимиц пристигна во Македонија. Првичната оценка му е, задоволен е од средбите во Атина, засега нема што да додаде. Утре тој се среќава со државниот врв, со шефот на македонската дипломатија Димитров и со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Мицкоски и Ахмети. Коѕиас вчера изјави, со разговорите за името, можеме да продолжиме и по самитот на НАТО во јули...

По Атина, посредникот на ОН во разговорите за разликата за името Метју Нимиц пристигна во Скопје. В четврток се средбите со државниот врв. Првата е со претседателот Иванов, па потоа со премиерот Заев, шефот на дипломатијата Димитров, со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Мицкоски и Ахмети.
Медијаторот во земјава се очекува да ги пренесе деталите од средбите во Атина и да ги чуе ставовите на македонската страна.
„Имавме добри средби во Атина. Се надевам дека ќе имаме добри средби тука“- рече медијаторот Нимиц.
Тој по средбите во грчкото МНР оцени дека е погодно време да се постигне решение и оти ова треба да го искористат двете страни. Шефот на грчката дипломатија, пак, никос Коѕијас по средбата повтори дека Грција е за сложено име за севкупна употреба и за промена на македонскиот Устав.
„Работиме кон решение со добра волја. Преговорите можат да продолжат и по самитот на НАТО во јули. Имавме продуктивен состанок со Нимиц на кој разговаравме за позитивните точки од неговите предлози, но и изразивме загриженост од грчката страна за алтернативните предлози. Со добра волја можеме да постигнеме решение“, изјави грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕијас.
Косијас го известил Нимиц дека Грција ќе и предложи нацрт- спогодба во четири точки на Македонија кон средината на февруари, на која свои предлози ќе може да дава и македонската страна. Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров оцени дека јавното соопштување на крајните позиции може да го намали просторот за разговори за името. Објаснува дека со Грција имаме различности, но и работи што не поврзуваат. Една од нив е потребата за отворање на граничниот премин меѓу двете земји, Маркова нога.
„Јас на мојата прва средба со министерот Коѕијас на 14-ти јуни во Атина, го отворив и ова прашање. Ние со Грција имаме и разлики, меѓутоа имаме и заеднички интереси“, изјави шефот на дипломатијата, Никола Димитров.
Дел од политичките партии во Грција се спротивставуваат сложеното име да содржи терминот Македонија. За в недела во Атина е најавен нов протест.
Ирина Гелевска
