Новиот Клинички центар без конкретна локација
Владата во дилема дали Клиничкиот центар да се гради на постојната или на нова локација во Бардовци- соопшти премиерот Заев на собраниската седница за пратенички прашања. Ако се оди со втората опција, државата ќе треба да плати 5,5 милиони евра пенали. Во Законодавниот дом отворени и други прашања. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на седницата...

Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ сѐ уште без конкретна локација, нема разговор со италијанската компанија- инвеститор на проектот. Премиерот Заев пред пратениците обелодени дека доколку се гради на нова локација во индустриската зона Визбегово, камен- темелникот ќе биде ставен за пет години.
Деталниот план бил презентиран пред Владата. Изградбата ќе чини од 450 до 500 милиони евра, вели премиерот Заев. Во тој случај би се платиле и пенали од 5,5 милиони евра.
Премиерот обелодени дека Банката на Советот на Европа не се согласува со втората локација. Според Заев, новиот Клинички ќе се гради во пакет со штипската клиничка болница и уште неколку други клиники и целиот проект ќе чини од 140 до 150 милиони евра. Дел од овие средства се за опрема и обука на кадри.
Премиерот појасни дека конечната одлука каде ќе се гради новиот Клинички ќе биде донесена деновиве.
Седницата за пратенички прашања помина без опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Народните избраници од парламентарното мнозинство со прашања до премиерот и до ресорните министри за плановите за инфраструктурните проекти, за состојбите во здравството и во социјалната политика, но и за проблемите во сферата на земјоделството.
Игор Панов
