„Среќата е глагол“ промовирина книга на Стефан Марковски

21.02.2014 17:52

„Да се биде среќен значи животот да се мине во изобилие. Онаков каков што навистина е.

Изобилието е состојба на која денешниот човек треба да се врати. Состојба во која успева да се врати единствено оној чија дисциплина и храброст го следат како сенки при секој чекор“. Дисциплината и храброста на младиот Стефан Марковски од Гевгелија го донесоа до издавање на неговото шестто литературно дело, кое синоќа беше промовирано во „Менада“.

„Среќата е глагол – како мириса цутот на животот во вас?“ е насловот на неговата последна книга во која се зборува за тоа како да се направи обичниот ден поубав, да се подобри сопствената смисла за хумор и како сигурно да се придвижуваме кон долгорочната среќа. Екипата на МТВ уживаше во разговорот со овој млад автор.

„ Книгава е резултат на мое повеќегодишно истражување во врска со оваа тема и содржи дел од моите филозофски шпекулации и размислувања за некои централни теми поврзани со човековиот живот. Сега ми се укажа најдобра можност за да ја издадам оваа книга, на само неколку недели пред почетокот на пролетта, кога се се буди. Се надевам дека со мојата книга ќе успеам да ги разбудам оние кои се плашат да бидат среќни“, задоволно зборуваше Марковски.

23 – годишниот Стефан Марковски е автор на книги од повеќе области. Дипломиран книжевник и апсолвент на Филозофскиот факултет, а воедно е и главен уредник на порталот zenica.mk. На јавноста и е познат преку своите дела кои почнал да ги објавува уште од гимназиските денови. Првообјавено дело му е романот „Еднонасочно“, за кое во 2009 година ја добил наградата „Петре М. Андреевски“. Потоа преминува на поезија, пишувајќи ги збирките „За некои спомени на онаа некогашност“ и „Апеирон“. Пред две години ги објави  своите први дела од областа на психологијата и филозофијата – „Хиерархиска еволуција на свеста“ и “Мета(де)конструкција и општа филозофија“. Добитник е на голем број награди и признанија и е автор на уште неколку необјавени дела.

Моника Јовановска