ЗОИ 2014, Сочи, алпско скијање, слалом (жени)

Шифрин најмлада олимписка шампионка во слалом

21.02.2014 19:02

Американката Михаела Шифрин стана најмладата олимписка шампионка во слалом. На светската титула од Шладминг лани, 18-годишната тинејџерка ја додаде и олимписката круна, по триумфот во последната женска алпска скијачка дисциплина на патеките Роза Хутор, крај Сочи.

По првата трка Шифрин водеше пред бранителката на златото од Ванкувер, Германката Марија Хефл-Риш и Словенката Тина Мазе, но на крајот покрај неа на пиедесталот застанаа две Австријки. Најдобрата слаломистка на сите времиња со 35 победи во Светскиот Куп, Марлиз Шилд третпат по ред на олимпијадите освои медал. Во Торино само бронза, а во Ванкувер и сега во Сочи сребро, иако по првата трка вечерва беше само шеста. Сепак, со одличен втор настап таа се искачи високо, заостанувајќи на крајот 53 стотинки.

Со речиси идентичен прогрес, од седмото место до бронзата се вивна нејзината сонародничка Катрин Цетел, којашто првиот олимписки медал го заслужи со 81 стотинка послабо вкупно време од Шифрин.

И покрај изгледните шанси да ја стигне Јаница Костелиќ којашто единствена досега има четири злата меѓу алпинките, Германката Марија Хефл-Риш заврши само четвртопласирана во својот последен олимписки настап во кариерата.