Почнува судењето за случајот „Трезор“
Според новиот распоред на судии во Кривичниот суд, предметот ќе го води судијката Џанета Беговиќ.

Во Кривичниот суд- Скопје 1 денеска почнува судењето за предметот на Специјалното јавно обвинителство „Трезор“ за набавка на опема за шпионирање во кој првообвинет е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Според новиот распоред на судии во Кривичниот суд, предметот ќе го води судијката Џанета Беговиќ.
Покрај Мијалков во случајот се обвинети и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник- министер во МВР, Небојша Стајковиќ и поранешениот началник на Петтата управа, Горан Грујевски, кој е во екстрадициски притвор во Солун.
Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на буџетот при набавката на електронско- комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.
