Прво штафетно злато за Украина
Додека државата е на работ на граѓанска војна и народот е разединет како никогаш досега, на Украина требаше да и се случи женската штафета во бијатлон која покажа дека само со единство и меѓусебна подршка може да се стигне до успех.

А успехот е историски, прво злато и прв медал за штафетата на 4 пати по 6 километри на зимските игри и воопшто прв златен медал за Украина во Олимписко Сочи, а на пиедесталот, за прв пат и две сестри близначки Вита и Ваљ Семеренко.
Вита одлично ја отвори трката, Јулуја Џима создаде предност, Ваљ на Олена Пидрушна и предаде 28 секунди што знаеше да ги зачува и покрај притисокот на руската штафета која на крајот се закити со сребро по двете злата од Торино и Ванкувер. Норвешка стигна до бронзата, Германија потфрли, а без пласман остана Франција по колапсот на Бруне уште на стартот. Бијатлонските возбудувања во Сочи ќе финишираат и кулминираат утре од 15 и 30 со машката штафета на 4 пати по 7 и пол километри.
