Канада одново ги расплака САД, Шведска го доби скандинавското полуфинале
Американците се трудеа, но иако убедливо најефикасни досега, за првпат на турнирот не успеаја да ја затресат противничката мрежа.

Само 24 часа по трилер финалната разврска на женските репрезентации, хокеарите на Канада одново ја расплакаа Америка. Триумфираа во полуфиналето на Олимписките игри во Сочи над северноамериканскиот ривал, и го продолжија патот до одбрана на титулата. Двете селекции одиграа 60 минути атомски хокеј како во еден здив, зачинет со вкупно 68 удари кон противничките голмани, а победникот го реши Џејми Бен во втората минута од втората третина.
Американците се трудеа, но иако убедливо најефикасни досега, за првпат на турнирот не успеаја да ја затресат противничката мрежа. Тоа беше рекорден 18 – ти меѓусебен олимписки дуел, во кој Канаѓаните ја остварија 12 – та победа, најзначајна по финалните пресметки на ОИ во Солт Лејк Сити и во Ванкувер.
Во големото финале ќе играат противШведска,која во скандинавската пресметка ја доби Финска со 2:1. Сите три гола беа постигнати во вториот период, во кој Финците поведоа преку Оли Јокинен, но Луј Ериксон и Ерик Карлсон се погрижија за пресврт. Мечот за бронзениот медал се игра утревечер, а големото финале е в недела.
