Далај Лама во Вашингтон апелираше за единство во светот

22.02.2014 11:12

Во денешниот свет има економски кризи, се водат војни поради превласт и се повеќе големи компании го контролираат светското богатство, но богатството не се парите, туку духовната наградба на поединецот. Од среќен поединец се раѓа и среќна нација, порача будистичкиот поглавар Далај Лама во Вашингтон.

21-виот век се претвори во трка по пари. Треба да престанеме да размислуваме само како да дојдеме до поголемо богатство, туку да се фокусираме кон духовно исполнување на луѓето. Парите не носат среќа, вели будистичкиот поглавар Далај Лама. 

„Среќен поединец води кон среќно семејство, општество, нација, и на крајот кон среќен свет. Луѓето се дел од светот, па среќен свет не почнува од владите или од Обединетите нации, туку од поединецот. Човештвото е комбинација од 7 милијарди поединци, па затоа изградбата треба да почне од поединецот“, рече Далај Лама, будистички поглавар.

Луѓето треба да се стремат кон нови знаења и соработка особено при големи катастрофи што ќе бидат уште поголеми поради глобалното затоплување и зголемување на населението на Земјата, порача будистичкиот поглавар. Некои сметаат дека будизмот во Тибет е мое учење коишто западните медиуми го нарекуваат Далаизам, но тоа е сосема погрешно, јас сум само будистички калуѓер, вели Далај Лама додавајќи дека има голема почит кон другите мирољубиви религии во светот.

Далај Лама апелираше за единство во светот и на средбата во Белата куќа со американскиот Претседател Барак Обама.

 

Ирина Гелевска- постојан дописник за МРТ од Вашингтон