Успешна година за рудниците Бучим и Саса

22.02.2014 12:12

Најголемите рудни капацитети во источна Македонија не се соочуваат со некои поголеми проблеми, освен со ситни административни...

60 милиони евра се слеале од извоз во рудникот „Бучим“ кај Радовиш. Заедно со рудникот „Саса“ кај Македонска Каменица остануваат сериозни играчи кои го зацврстуваат своето место на извозните позиции во македонската економија. Со остварениот профит во 2013 година, и ископаните 9.200 тони бакар, 2000 тони катоден бакар и 400 килограми злато, радовишките рудари и во услови на економска криза ги надминале сопствените прогнози.

„Иако беше прогласена за кризна година, Бучим ја заврши најуспешно во сопствената историја, односно од 1979 година наваму, вели Николајчо Николов, замерник генерален директор на Комбинатот „Бучим“, Радовиш.

Најголемите рудни капацитети во источна Македонија не се соочуваат со некои поголеми проблеми, освен со ситни административни, тврди првиот човек на стопанката комора, Бранко Азески, кој се сретна со првите луѓе на комбинатот. Азески очекува и наредните години да се подобрува извозното салдо и биланс на рудниците.

„Околу можностите што теба да се создадат за проширување на нивното производство за натамошно усовршување и морам да кажам дека сум изненаден од нивниот сериозен пристап да останат на нашиот пазар во наредните 20-30 години“, вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Рудникот „Бучим“ има резерви со бакар, злато и сребро за наредниве 6 години. Се прават геолошки испитувања за нови наоѓалишта.

Во рудникот „Бучим“ кај Радовиш во моментот се работи на три рудни тела. Плановите на менаџментот се веќе од 2019 година да почне со работа новиот рудник кај локалитетот Кадица кој се наоѓа на околу 8 километри од сегашниот. Претпоставките се дека тука ќе има руда за уште дваесетина години ископ.

 

Катерина Давчева