Заев во официјална посета на Турција, Анкара со поддршка за членството на Македонија во НАТО

12.02.2018 16:41

Турција ја прифаќа политиката на дијалог за името, но нивниот премиер тврди- станува збор за суверено право на една држава. Билатералниот спор со грција била една од темите на средбата на Заев и Јилдирим во Анкара. Останува турската поддршка за членство на Македонија во НАТО. Тамошната бизнис- заедница повикана да инвестира во земјава...

Продлабочување на пријателските, но и развој на трговските и економските односи, договорија во Анкара премиерите на Македонија и на Турција, Зоран Заев и Бинали Јилдирим. Турските инвестиции во Македонија изнесуваат милијарда и триста милиони долари, но правиме заложба трговксата размена да достигне една милијарда евра, рекоа шефовите на македонската и турската влада. Инвестициите и членството во НАТО се стратешки цели и секоја поддршка како оваа од пријателска Турција е драгоцена, рече премиерот Заев кој побара повластена квота за извоз на јагнешко и телешко месо.

Двајцата премиери согласни дека треба да соработуваат во борбата против тероризмот, но и сузбивање на активностите на терористичката „ФЕТО“ во Македонија.

„Ние давама целосна поддршка на Турција во борбата против терористичката организација ФЕТО. Апсолутно ги преземаме, согласно Уставот и законот, сите чекори во Македонија коишто секако ќе го унапредат нашето пријателство со Република Турција. Ги почитуваме меѓународните договори и сите меѓународни правила, но се што ќе преземеме е да докажеме на Република Турција и на нејзините граѓани е дека во Македонија имаат искрен пријател“, изјави премиерот Заев.

Тоа што Турција го прави преку воените акции е заштита на сопствените граници и граѓаните. Но, со тоа ја штити и Европа и Балканот, рече турскиот премиер Јилдирим. Даде целосна поддршка на Македонија за интеграција во ЕУ и во НАТО. Турција прва ја призна Република Македонија под уставното име, рече турскиот премиер, осврнувајќи се на спорот за името.

„Името на една земја го одредува самата земја, не го определуваат некои други земји. Ниту една земја нема право, тоа е многу погрешно. Но, покрај сите овие активности во врска со ова прашање, проблемите кои ги имате со Грција, мислам дека со разговори ќе можат да се решат. Со добра волја, со добра намера, ќе се изнајдат можности. Соседните земји своите меѓусебни проблеми треба да ги решаваат врз основа на меѓусебни разговори“, нагласи турскиот премиер Јилдирим.

Заев и Јилдирим оцениле дека и покрај добрите релации, потребно е продлабочување на образовните и културните врски меѓу девете земји.

Претходно, премиерот Зоран Заев оствари средба со турски бизнисмени во Сојузот на стопански комори и берзи во Турција. Имате отворена покана за инвестирање во Македонија, рече Заев и објави инвестиција на турски ТАВ од 45 милиони евра.

Турција е шестата земја по инвестиции во Македонија, а трговската размена изнесува 456 милиони евра. Услови за поголема размена секогаш постојат, заклучија турските бизнисмени и македонската владина делегација.

Миле Ристески, специјален известувач од Анкара за МРТ