Бјерген-Јохауг-Штеира за 1-2-3 норвешки триумф
На Бјерген ова и беше вкупно шести најблескав олимписки медал, со што се изедначи со поранешната советска брза лизгачка Лидија Скобликова и со нордијката Љубов Егорова...

Марит Бјерген предводеше троен триумф на Норвежанките во последната женска крос-кантри дисциплина во Сочи, маратонот на 30 километри слободен стил. Третото злато на овие Игри таа го освои откако во финишот за две и пол секунди и побегна на Терезе Јохауг. Трета заврши Кристин Штормер Штеира со заостанување од 23 секунди.
На Бјерген ова и беше вкупно шести најблескав олимписки медал, со што се изедначи со поранешната советска брза лизгачка Лидија Скобликова и со нордијката Љубов Егорова. Идентично како Бјерген, вкупно десет медали во скијачкото трчање покрај неа имаат само уште Италијанката Стефанија Белмондо и Раиса Сметанина од поранешниот СССР.
Наспроти очекувањата, во оваа трка изостана директно соочување меѓу најголемите ривалки во овој спорт, Бјерген и Јустина Ковалчик. Полјачката, којашто ја бранеше титулата од Ванкувер пред четири години, се откажа на половина од трката, откако претходно Норвежанките веќе им побегнаа на сите преостанати натпреварувачки.
Само десетти пат во историјата на скијачкото трчање на зимските олимпијади се случи сите медалисти да бидат иста држава. Последен пат ваков подвиг направија Норвежаните, во машката трка на 30 километри во Албервил пред 22 години.
