Димитров во Софија на неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ

14.02.2018 10:07

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров од денеска престојува во Софија, каде што е предвидено да има билатерални средби со претставници на бугарските власти и да учествува на неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Во Софија, министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, Димитров и Захариева, ќе потпишат протокол за размена на документите за ратификација, со кој официјално влегува во сила Договорот за пријателство меѓу двете земји. Со тоа практично ќе се заврши формалната постапка за стапување на Договорот во сила, по неговата ратификација во македонското Собрание на 15-ти јануари и на бугарскиот Парламент три дена подоцна.

Потпишувањето е во пресрет на состанокот на минситрите за надворешни на Западен Балкан со заменик- претседателката на Европската комисија, Могерини, што ќе се одржи на 15-ти и 16-ти февруари во Софија.

Димитров денеска треба да има билатерални средби со претседателот на Бугарија, Румен Радев, со премиерот Бојко Борисов и со неговата колешка, Екатерина Захариева.

Сѐ уште не е потврдено, но в петок се најавува и посета на бугарскиот претседател Румен Радев на Македонија.