Не се соопштуваат детали

Конструктивна средба на Нимиц со Димитров и Коѕијас, разговорите за името продолжуваат

14.02.2018 10:45

Пет часа разговори на шефот на македонската дипломатија Димитров со неговиот грчки колега Коѕијас, под покровителство на посредникот Нимиц вчера во Виена. Скудно соопштение од Скопје и од Атина. Разговорите продолжуваат и натаму во рамките на ОН...

Не се соопштуваат детали од повеќечасовната средба на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас со посредникот на ОН во разговорите за разликата за името, Метју Нимиц во Виена. Двете министерства излегоа со идентично соопштение. Оценуваат дека средбата била конструктивна.

„По конструктивната средба која е дел од напорите за наоѓање на заедничко прифатливо решение за надминување на разликата околу името, министрите за надворешни работи се согласија да ги продолжат напорите под покровителство на ОН“- се вели во заедничкото соопштение од министерствата за надворешни работи на Македонија и на Грција.

Разговорите со Нимиц во канцеларијата на ОН во Виена за првпат се водеа на ниво на шефови на дипломатии, како дел од договореното на средбата во Давос меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас минатиот месец. 

Најновата средба на Нимиц со Димитров и Коѕијас доаѓа по неговата неодамнешна посета на Атина и на Скопје. И претходеше министерски тет-а-тет средба меѓу Димитров и Коѕијас.

Се очекува Димитров и Коѕијас да имаат почести средби во наредниот период. Тие најверојатно ќе се сретнат и на маргините на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Софија, во чеврток и петок.

 

Ирина Гелевска