Скопје станува регионален шопинг центар!

22.02.2014 13:47

Трговците тврдат дека се забележува раст на потрошувачката, посебно за време на викендите кога голем број потрошувачи од соседството доаѓаат на шопинг во Скопје...

Главниот град на Македонија освен што станува атрактивна туристичка дестинација за странските туристи, истовремено прераснува и во шопинг центар за оние кои практикуваат „викенд шопинг туризам“. Трговците тврдат дека се забележува раст на потрошувачката, посебно за време на викендите кога голем број потрошувачи од соседството, особено од Косово заради близината, доаѓаат на шопинг во Скопје, пишува порталот „Економски лидер“.
 
„Засега се забележуваат некои промени, но не може да се каже дека е направен драстичен скок во продажбата. Посебно за викендите можам да кажам дека доаѓаат поголем број потрошувачи од странство, особено од Косово, како во ГТЦ така и во останатите трговски центри и шопинг молови“, тврди за „Лидер“ директорот на Градскиот трговски центар, Аго Абазовски.
 
Иако не постојат точни податоци за тоа колку потрошувачите од соседството трошат на шопинг во Скопје, Абазовски вели дека од неофицијалните разговори со трговците низ градот, може да се каже дека како што расте бројот на странски туристи во градот, се зголемува и потрошувачката низ трговските центри.
 
„Мерењата што ги правиме покажуваат дека се случува во еден ден од викендот да има проток на околу 27.000 луѓе низ ГТЦ. Посебно зголемена потрошувачка се почувствува за време на празничните попусти, а истовремено поголем број посетители имаат и угостителите кои се наоѓаат на кејот на Вардар“, вели Абазовски.
 
И продавачите низ атрактивниот Скопје Сити Мол велат дека во нивните продавници се почесто за викендите влегуваат потрошувачи од соседството.